Дигиталната платформа за трговија со криптовалути „Бинанс“, објави дека купува удел во бизнис списанието Форбс вреден 200 милиони долари, пренесуваат британските медиуми.
Форбс е основан во 1917 година и со децении беше во сопственост на семејство, а стана познат со следењето на бизнис магнатите и рејтинзите на милијардерите.
Како и многу други печатени медиуми, имаше проблеми во трансформацијата кон дигитални изданија што се случуваше во медиумите.
Инвестицијата на „Бинанс“, би требало да помогне списанието да стане лидер во известување за дигиталната сопственост како биткоин или НФТ, што во САД во изминативе две години земаат посебен замав, јави Би-Би-Си.
Сопственикот на платформата Чангпенг „ЦЗ“ Жао, кинеско-канадски милијардер, изјави дека смета дека медиумите се „важен дел во поттикнување на разбирањето и едукацијата за широк круг клиенти“ за крипто трговијата и новите блокчејн технологии.
Жао, за Си-Ен-Би-Си изјави дека неговата компанија сака да инвестира и во други традиционални медиуми затоа што сака да го унапреди усвојувањето на блокчејнот, систем за бележење на трансакции кој користи заеднички, децентрализиран регистар.
Аналитичарите коментираат дека крипто сопствеништвото е особено осетливо на манипулации од страна на популарните личности и на медиумската помпа, што ги алармираше регулаторите ширум светот.
Во 2020, Бинанс инаку го тужеше Форбс за клевета, но подоцна ја отфрли тужбата, потсетува Би-Би-Си.
Извор: МИА