Бил Клинтон „понижен и навреден“ по откритијата за корупција при изборот на домаќин за СП во 2022 година

Од:

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон е „понижен и навреден“ по откритијата за постоење корупција при изборот на ФИФА за тоа која земја да биде домаќин на Светското првенство во фудбал, во 2022 година, пишуваат британските медиуми.

Во декември 2010 година, како почесен претседател на Одборот кој беше ангажиран околу кандидатурата на САД, лобирајќи Американците одново да бидат организатори на еден Светски куп, Клинтон беше во Цирих, кога во ФИФА се одлучуваше за домаќинот.

Противкандидати на САД беа Австралија и Јапонија, па членовите на Одборот, во кој беа и актерите Бред Пит и Морган Фримен, како и филмскиот режисер Спајк Ли, најмногу стравуваа од Австралијанците и нивната силна кандидатура, но наместо нив, на големо изненадување победи аутсајдерот Катар.

Според лондонските весници, ваквата одлука Клинтон ја пречекал „во шок“ и бил толку гневен,што по враќањето во хотелот, налутен, го скршил огледалот во собата. Тогаш било одлучено, веднаш да се испита,како една малечка,пустинска земја, без фудбалска култура и со невозможни временски услови за играње фудбал, во текот на летните месеци, ги победи силните кандидатури на САД и на Австралија.

Била покрената приватна истрага, преку една американска детективска агенција, за да се открие дали има корупција и дали е даван поткуп, на функционери во седиштето на ФИФА и на раководни луѓе во фудбалските федерации во светот, за да биде избран Катар.

Гневот кај Американците и кај поранешниот претседател на САД, сега, се враќа одново по 3,5 години откако, по истражувањето и откритијата на лондонски „Сандеј Тајмс“ стана очигледно дека има „многу матни и нечесни работи и многу пари“ во победата на Катарците.

Не е сосема јасно дали истрагата на Американците помогна за решението на ФИФА за доживотна дискквалификација од фудбалот на богатиот Катарец Мохамед Бин Хамам, поранешен претседател на Азиската фудбалска конфедерација, за неговата главна улога во „купувањето на Светското првенство“, како и дали работата на американските детективи е во сенка на откритијата на лондоскиот неделник. Но, тие покренаа нов бран од сомевања и обвинуања, кои предизвикаа во САД, Австралија, но и во Англија, да се бара ново гласање за домаќин на првенството за осум години, при што Американците и Австралијанците може најмногу да добијат, доколку му се одземе кандидатурата на Катар.

Извори блиски до Клинтон изјавиле за „Дејли Телеграф“ дека поранешниот американски претседател е повреден од она што се случува, кога се разбра дека преку Бин Хамам се дадени десетици милиони долари, преку разни фирми,за фудбалски функционери во Африка, Азија и на Карибите.

Истрагата покажува дека 30 претседатели на африкански фудбалски федерации примиле пари, скапи подароци и „донации“ дека Тајланд безбедил договор за испорака на гас, ако гласа за кандидатурата на Катар, а дека 10 годишната ќерка на еден бразилски фудбалски функционер, близок до гласањето за домаќин на СП, на сметка во банка има два милиони долари.

Името на Бин Хамам е насекаде во овој заговор за купување на првенството, иако тој тврди дека не сторил ништо лошо,а функционери во Катер тврдат дека тој не бил дел од тимот за промоција на катарската кандидатура.

„Дејли Телеграф“ открива дека британскиот премиер Дејвид Камерон и принцот Вилијам, исто така, биле повредени од фијаското на кандидатурата на Англија, за организатор на СП во 2018 година, откако се разбра дека победник е Русија.

Лондонскиот весник смета дека доколку се потврди корупцијата во случајот на Катар, би требало одново да се гласа и за домаќинот на првенството за четири години, со оглед дека во 2010 година, за организатори на двете првенства се гласаше во ист ден и затоа што Русија не е „вистинскиот кандидат“ по анексијата на Крим.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Нова драма во САД: Брод удри во мост, се излеа нафта, спасувачките служби го блокираа сообраќајот

Горан Наумовски

Волстрит порасна, но инфлацијата во САД не се намалува

САД се длабоко вознемирени од грузискиот закон за странски агенти

ВИДЕО: Девојче во САД злоставувано до смрт, таткот и маќеата ја држеле врзана во подрум

Катерина Ѓуровски

Израел: Одлуката на Бајден за оружјето испраќа погрешна порака до Хамас

Америка: Скијачи загинаа во лавина на планината Лон Пик во Јута