Исходот од одвоената истрага што ја спроведоа ватиканските кардинали за папата Бенедикт Шеснаесетти, нам да се користи како судски доказ на судењето на поранешниот собар на Папата, Паоло Габриеле кое започна во саботата во Ватикан.
Така, судскиот процес ќе се темели само на истрагата што ја спроведоа главниот обвинител и полицијата на папската држава Ватикан.
Собарот на Папата, 46-годишниoт Паоло Габриеле е обвинет дека користејќи го пристапот до приватни простории на Бенедикт Шеснаесетти, повеќе месеци крадел и фотокопирал доверливи документи на Папата и под шифрираното име „Марија” му ги доставувал на италијанскиот новинар Џанлуиџи Нуци кој ги објави во книгата „Неговата светост” (Sua santita), откривајќи ги добро сокриените тајни за анимозитет, ривалитетите и корупцијата во Ватикан, особено за вториот човек на Светата столица, кардиналот Таркисио Бертоне.
Габриеле ја призна вината, оправдувајќи се во истрагата дека со својот чин сакал да го разобличи злото и корупцијата во Ватикан, сметајќи дека Папата не е доволно информиран за она што се случува во Светата столица, како и „да ја врати Црквата на вистинскиот пат”.
Како што известуваат медиумите повикувајќи се на извештаите на осумте новинари на коишто им е овозможено да го следат процесот, но без фотографирање и снимање, Габриеле пред судот делувал мирно и опуштено, а во судницата се наоѓале само двајца жандарми.
Следното рочиште во процесот за истекување на доверливите информации од Ватикан е закажано за 2-ри октомври. На Габриеле му се заканува затворска казна од четири години, а Папата во секој момент може да го помилува, што не се исклучува како можност.