Јутарњи лист – Загреб
Евреин, кој едно време бил сосед на Адолф Хитлер, открива како било да се живее покрај нацистичкиот диктатор, додека грабел кон моќта.
Неверојатната приказна на Едгар Фејхтвангер (90) е уште почудна бидејќи неговиот вујко Лион Фејџтвангер, бил истакнат романописец и „личен непријател‟ на Хитлер.
Во интервју за Си-Ен-Ен Фејхтвангер го опишува своето детство во нацистичка Германија и како неговото семејство, наспроти затворањето на неговиот татко во концентрационен логор, успеало да стигне до Англија.
Неговиот учител од самиот почеток бил „нацист 150 отсто‟ и во текот на наставата често пропагирал нацизам.
Фејхтвангер првпат го видел Хитлер во 1932 година, кога имал само осум години и тоа една година пред Хитлер да стане канцелар. Дадилката го изнела на прошетка кога пред куќата налетале на Хитлер, кој го погледнал многу незаинтересирано. Се сеќава дека неколку луѓе повикале „Хајл Хитлер‟.
Фејхтвангер е сигурен дека не би поживеал долго ако Хитлер знаел дека тој е Евреин.
Промените се случувале во цела Германија и ескалирале во Кристалната ноќ кога се случил суров прогон на Евреите, анексијата на Австрија и окупацијата на Судетите во Чехословачка.
Таа ноќ биле убиени 91 Евреин, десетици илјади биле уапсени, а нивните локали и синагоги уништени. По тие немили настани, таткото на Фејхтвангер завршил во концлогорот Дахау.
Иако семејството се плашело дека повеќе нема да го видат, тој се вратил по шест недели. Веруваат дека нацистите го пуштиле со својата приказна да ги преплаши останатите и да ги наведе на бегство.
Семејството стигнало во Англија каде Фејхтвангер станал ценет професор по историја. За своите искуства напиша мемоари „Бев сосед на Хитлер‟, кои минатата година беа објавени во Велика Британија.