Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони изјавил неодамна на вечера дека рускиот претседател Владимир Путин му предложил да стане министер за економија во руската Влада, објави денеска Стампа, индиректно цитирајќи го медиумскиот магнат.
– Во Италија сум турнат на маргините на случувањата, а Путин рече дека е подготвен да ми даде државјанство и да ми го довери Министерството за економија, рекол 79-годишниот контроверзен политичар чии зборови на миланскиот весник му ги пренел еден од гостите на вечерата.
– Најважните состаноци би се одржувале по полноќ со Путин и група млади економистки, прокоментира колумнистот на весникот, Масимо Грамелини алудирајќи на склоноста на Берлускони кон млади жени. Тој иронично забележува дека за неуспехот на своите петгодишни планови „Силвиушко“ не би можел да го обвини „монструозната моќ на судството и новинарите“ бидејќи Русија одамна се ослободила од тоа.