Берлин не сака да дозволи носење украински и руски знамиња на манифестациите за одбележување на годишнината од крајот на Втората светска војна.
Властите во Берлин одлучија руските и украинските знамиња да не смеат да се носат во близина на 15 споменици, пишува весникот „Билд“.
Амбасадорот на Украина во Германија, Андриј Мелник ги повика властите во Берлин да ја повлечат таа одлука.
Тој праша зошто луѓето кои сакаат со знаме да ја изразат својата солидарност со Украина не се заштитат од можна агресија на оние кои би се чувствувале испровоцирани од тие знамиња.
Мелник на Твитер порача дека ова е скандалозна одлука која мора да се повлече, наведувајќи дека одлуката претставува шлаканица за Украина и за целиот украински народ.
Инаку, со одлуката на берлинската полиција, покрај знамињата на Русија и на Украина, се забранети и симболот „З“, како и униформите и воените песни на руската армија.
Од оваа мерка се изземени само ветераните од Втората светска војна, дипломатите и претставниците на делегациите кои ќе присуствуваат на церемониите.
Полицијата ќе ги обезбедува собирите со голем број полицајци во униформа и цивилна облека, како и пријавените протести.
Според соопштението на полицијата, утре и в понеделник ќе бидат ангажирани околу 3.400 полицајци за одбележување на годишнината од крајот на Втората светска војна.
Извор: МИА