Истрага на белгискиот Парламент за поврзаните терористички напади во Париз и Брисел во 2015 и 2016 година, утврдила дека Белгиецот со мароканско потекло, Усама Атар е најверојатниот координатор на групата која ги изврши нападите.
Атар бил уапсен во градот Рамади во Ирак во 2005 година како исламистички борец, но Белгија и поголем број организации за заштита на човековите права, како Амнести Интернешнл, и Црвениот Крст барале негово ослободување од затвор, тврдејќи дека затвореникот боледува од рак. Денес, Атар е во бегство, откако со години се борел во редовите на Исламската Држава (ИД) и организирал напади во Европа.
Белгиските медиуми известуваат дека Министерството за внатрешни работи не му објаснило на Парламентот зошто барало дипломатска интервенција за ослободување на Атар од затворот Абу Граиб во Ирак, каде првично бил осуден на 25, а потоа на 10 години затвор.
Во затворите во Ирак, Атар наводно се запознал со Абу Бакр ал Багдади, кој подоцна стана водач на ИД. Белгиските власти помогнале Атар да биде пуштен од затвор, за потоа накусо пак да го уапсат во Белгија во 2012 година, по што на исламистот му се губи секаква трага.
Според извештајот, Атар бил поврзан со извршителите на нападите во Париз и Брисел. Тој лично регрутирал двајца Ирачани да го извршат нападот на стадионот Стад де Франс во Париз на 13 ноември 2015 година, при што беше убиен еден посетител на натпреварот Франција – Германија. Паралелно со овој напад, група исламисти убија 89 посетители на концерт во театарот Батаклан, додека во паралелни напади врз неколку ресторани беа убиени 14 лица, а десетици беа ранети.
Атар исто така бил роднински поврзан со Ибрахим и Калид ел Бакрави, дел од петчлената група која ги изврши нападите врз аеродромот Завентем и метро станицата Малбек во Брисел во март 2016 година, во кои беа убиени 32 лица.
Поради сите овие врски, името на Атар се истакнува како клучно во поврзувањето на извршителите и организирањето на нападите во Франција и Белгија.
Истрагата покажува дека Атар отпатувал на Блискиот Исток во 2002 година, тврдејќи дека работи за хуманитарна организација, кога веројатно почнал да се радикализира. Последна трага била откриена во летото 2016 година, кога француското разузнавање добило информација дека Атар сака да отпатува во Франција преку Албанија.