Од денеска белгиската одбрана вклучува и петта компонента позната како “Кибер команда“, која ќе треба да стане оперативна за две години.
Министерката за одбрана, Лидивин Дедондер, во интервју за белгискиот јавен сервис, РТБФ, објасни дека оваа петта компонента на белгиската војска е важна поради тоа што кибер просторот е еден од најранливите и каде сѐ почесто се случуваат напади.
-Не зборуваме за воен кибер простор и цивилен кибер простор, туку за еден единствен кибер простор, и затоа сакаме да создадеме двојна кибер компонента, која истовремено ќе ги штити нашите војници, но и критични невоени системи, наречени витални, изјави министерката.
Четирите други одбранбени компоненти на Белгија се копното, морето, воздушната одбрана и медицинската војска.
Само за креирањето на оваа нова компонента во белгиската војска инвестирани се 400 милиони евра, на што ќе треба да се додаде буџет за персоналот кога ќе стане оперативна. Ова значи и зголемување на буџетот на одбрана после долги години намалување на истиот.
Министерката за одбрана потврди дека војната во Украина се води и во сајбер просторот, што според неа дополнително ја оправдува потребата за овој воен сектор.
Извор: МИА