Се уште тече истрагата во џихадистичките кругови во Белгија по вчерашниот упад во пекара во градот Вервие во кој наводно се криеле џихадисти вратени од Сирија.
Полицијата во акцијата уби две лица кои се уште не се идентификувани. Третото лице беше приведено, неговиот идентитет не се открива, но тој ги отфрла сите обвинувања за инволираност во било какви планирани напади во Белгија, соопшти обвинителството.
Белгиските власти засега не откриваат многу детали за вчерашните акции ширум Белгија бидејќи истрагата е се уште во тек, дознаваме од полициски извори.
Покрај упадот во градот Вервие, полицијата во текот на ноќта упаднала во повеќе други квартови осомничени за терористички активности во Брисел и во Лидекерк. Запленети се четири калашникови, огнени оружја, муниција и експлозиви. Најдени се исто така комуникациски материјали (телефони, токи-воки и радио), пари, фалсификувани лични документи и полициски униформи. Според обивнителството, осомничените планирале атентат врз полициска станица во Белгија во наредните часови или денови.
Полицијата во интерес на истрагата одбива да соопшти повеќе детали за убиените и дали тие се враќале од Сирија или имале некаква врска со оваа земја каде многу млади Европејци заминуваат да се борат.
Координаторот на антитерористичката политика на ЕУ, Жил де Керков, ја поздрави вчерашната акција на белгиската полиција, но предупредува дека затворањето на џихадистите не е решение на долг рок, бидејќи токму во затвор повеќето од нив се радикализираат.
Де Керков бара адаптиран пристап кон овие луѓе, да им се помогне да се реинтегрираат во општеството преку психолошка помош.
-Во случај лицето да има крв на рацете, да било дел од терористичка акција, треба се разбира да се санкционира. Но за тоа е потребна и реформа на затворската политика исто така. Најголема грешка би била сите кои се враќаат од Сирија да се пикнат в затвор. Затворот е инкубатор пар екселанс на радикализација. Трите последни терористички напади во Белгија и Франција беа дела на радикализирани исламисти штотуку излезени од затвор – потсетува тој.
Европската Комисија од своја страна најави дека засега не е запознаена со посебна закана против неа или друга европска институција но дека сепак ги заострува безбедносните мерки околу и во своите згради поради одлуката на белгиската влада да го зголеми нивото на тревога од 2 на 3 (4 е највисокото можно ниво).
Мета