Белгија не располага со законски средства од военото разузнавање да ги отстрани неколкуте десетици утврдени џихадисти салафити, соопшти весникот „Морген“, повикувајќи се на внатрешен армиски извештај.
Весникот забележува дека неодамна министерот за одбрана Питер де Крем пред федералниот парламент дал ветување дека овие борци ќе бидат остранети.
Пред два месеца весникот „Либр Белжик“ соопшти дека проверките при селектирањето припадници за војската се преслаби, а тоа дозволува вакви луѓе да добиваат специфично образование, без на време да паднат под контролите на службите.
За некои од нив е утврдено дека откако биле обучени во деталите на работата на армиските припадници, тие се префрлаат кон водењето „света војна“ во сите четири страни на светот.
Постои стравување дека таквите војници можат да се свртат против своите колеги во борбените мисии, на пример, во Авганистан, како и дека може да се упатат на страната на „Аш Шабаб“ во Сомалија.
Според анализа на Дирк Дебуд од синдикатот на воените припадници, белгиските закони се такви што војник може да биде лесно отсранет ако е фатен да пуши марихуана, но не и ако за него се утврдат податоци дека им припаѓа на крајно екстремни групи. Тоа е така затоа што ваквите групи не се ставени надвор од законот.