Белата куќа обвинува: Германија со силното евро ги искористува САД и партнерите од ЕУ

Од:

Првиот човек на новоформираниот „Национален трговски совет на САД“ Питер Наваро во изјава за весникот „Фајненшел тајмс“ ја обвини Германија дека со ниската вредност на еврото има предност пред своите главни трговски ривали на светско ниво, пренесува дописникот на МИА од Берлин.

Наваро, кој е именуван од претседателот Доналд Трамп, најавува дека новата админстрација во Вашингтон се фокусира на намалената вредност на валутите, како дел од агендата во која, за разлика од досегашната политика на Обама за мултилатерални договори, за цел ги има билатералните договори. Во таа агенда Германија ја смета за една од главните пречки во трговскиот договор меѓу САД и ЕУ како и во врска со разговорите за Транатласнкиот трговски и инвестициски договор(ТТИП).

„Голема пречка за ТТИП да се гледа како на билатерален договор е Германија која што продолжува да ги искористува другите земји во ЕУ и САД со „имплицитната германска марка“ (еврото), што е значително девалвирано. Германскиот структурен дебаланс со остатокот од ЕУ и САД ја намалува економската хетерогеност во ЕУ, со што ТТИП место билатерален договор всушност е мултилатерален“, смета Наваро чии изјави ги потврдуваат анализите дека новата американска администрација по најавата на Трамп за воведување на високи царини за германските возила произведени во Мексико ќе продолжи со контроверзни трговски мерки пред се насочени против владата на Меркел.

Според Наваро, преговорите за ТТИП биле завршени уште пред изборот на Трамп за претседател на САД, затоа што Вашингтон не сака да потпишува еден договор со повеќе земји, особено откако Велика Британија одлучи да ја напушти ЕУ.

Стотици илјади Германци во неколку наврати протестираа ширум земјата против потпишување на ТТИП со САД, затоа што се противат на воведување пониски стандарди во производството на храна и еколошки правила во ЕУ.

Претседателот Трамп минатата недела го повлече американскиот потпис на договорот за слободна трговија со 12 азиски и јужноамерикански земји, а веднаш потоа ексгерманскиот министер за економија, а сега актуелен министер за надворешни работи, Зигмар Габриел, ги повика германските фирми да ја искористат секоја шанса да инвестираат во местата каде што постои можност, што индиректно значеше дека германските фирми треба да се обидат да ги пополнат празнините создадени со повлекувањето на САД од меѓународните трговски договори.

За време на својата кампања за претседател Трамп најави ревизија и на членството на САД во Светската трговска организација, која според Наваро работи по принципи што не се фер кон неговата земја.

Германските власти, се уште, официјално не одговорија на сериозните обвинуања од САД.

Би можело да ве интересира

Германско државјанство нема да добијат оние кои објавуваат: „Израел е убиец на деца“

Најмалку 64 жртви на ураганот Хелена во југоисточниот дел на САД

Иран: Нема да се двоумиме, САД мора да ги прифати последиците

После 10 години, армијата на САД се повлекува од Ирак

Најмалку 52 лица загинаа во ураганот Хелена, речиси пет милиони луѓе останаа без струја

САД ќе ја поддржи Македонија во обидот да се пробие блокадата на патот кон ЕУ, порача Касаноф на Сиљановска