Владата на германската покраина Баварија денеска донесе одлука за забрана за користење на сите видови шамии (бурка, хиџаб, никаб) со кои се покрива лицето во низа јавни институции, објекти и ситуации.
– Покривање на лицето ќе биде забрането во јавната администрација, универзитетите, училиштата, градинките, во институциите каде што се врши контрола на јавната безбедност и ред, како и за време на избори, се вели во соопштението на покраинската влада на Баварија, јавува дописникот на МИА од Берлин.
Според министерот за внатрешни работи на Баварија Јоаким Херман муслиманските жени кои што го покриваат лицето се однесуваат спротивно на локалната германска комуникациска култура.
– Размената на комуникацијата се остварува не само преку говор туку и преку поглед, експресии и гестови, смета Херман, според кого овие движења се основа за интер-персонални односи и база на германското општество и слободен и демократски систем.
Премиерот на Баварија Хорст Зехофер иако дел од сестринскиот централно-десничарски блок меѓу неговата партија ЦСУ и ЦДУ на Меркел беше еден од најгласните критичари на политиката на отворени врати за бегалците. Зехофер кој бараше земјата да воведе горна граница за прием на бегалци се плашеше од безбедносните предизвици и потенцијалот на Германија да ги интегрира новодојденците. Баварија која е најјужна германска покраина, е првата точка преку која азилантите влегуваат во земјата.