Судот во Ватикан го прогласи денеска поранешниот батлер на папата Бенедикт Шеснаесетти, Паоло Габриели за виновен и го осуди на една и пол година затвор за откривање на доверливи папски документи.
Пред изрекување на пресудата, обвинителството побара од судот да го осуди Габриели на тригодишна робија, додека одбраната побара од судот да ги ублажи обвиненијата против него и дека тој наместо за “тешка кражба” да биде обвинет за “противправно присвојување” на документи и да го ослободи, пренесува Ројтерс.
Во неговата последна изјава, пред судот да се повлече за да донесе одлука, Габриели им изјави на судиите дека така постапил исклучиво од длабока, “инстинктивна” љубов кон Римокатоличката црква и папата, во чија служба бил.