Заврши уште една рунда преговори помеѓу Велика Британија и Европската Унија без голем напредок за клучните прашања, пред сѐ статусот на Северна Ирска и иднината на односите помеѓу ЕУ и Велика Британија.
Главниот европски преговарач, Мишел Барниер, порача дека во документите кои пристугнуваат од Лондон во Брисел има „парадоксално барање за статус-кво, кога Британците се оние кои сакаат да ја напуштат ЕУ“.
Изјавата се однесува на последниот предлог на британската влада за Брегзит во контекст на решавање на спорот со ирската граница. Во четвртокот, Лондон предложи Велика Британија да остане во царинската унија до 2021, што претставува уште една година повеќе од договорениот транзициски рок, предвиден до 2020.
Проблемите произлегуваат од ирскиот остров, поделен на Северна Ирска, која е дел од Велика Британија, и Република Ирска, членка на Европската Унија.
Сите страни се сложни дека не смее да има тврда граница на островот, но дека мора да се најде начин да се заштити внатрешниот пазар на ЕУ и царинската унија.
ЕУ неодамна прифати да направи отстапка и да и дозволи на Северна Ирска да биде дел царинската територија на ЕУ.
Според ЕУ оваа отстапка е “извонредна“ и претставува обид да се избегне секаква тврда граница во Ирска.
Но последниот британски предлог оценува дека таа отстапка може да се однесува на целата британска територија до 2021, што е неприфатливо за ЕУ.
-Тоа е смислено специфично за ситуацијата со Северна Ирска. Северна Ирска би била дел од нашата царинска заедница, но она што е изводливо на Северна Ирска, не значи дека е изводливо за цела Велика Британија, порача Барние.
-Се чини дека Велика Британија сака да ги сочува сите бенефити од нашиот однос, притоа излегувајќи од рамката на обврски и од заедничкиот надзор. Британците бараат начин врз нас да ја префрлат одговорноста на тие последици. Не сме импресионирани од нивната игра на обвинувања, додаде Барние.
Шефот на европскиот преговарачки тим побара од Велика Британија да ги “почитува сопствените црвени линии“ и доколку одлучи да ги помести црвените линии, ЕУ е подготвена да се адаптира.