Сенаторот од Вермонт Барни Сандерс повика за помилување на Едвард Сноуден, поранешниот соработник на американската Агенција за национална безбедност (НСА), кој објави тајни документи на разузнавачките служби.
Сандерс го упати повикот во коментар, објавен во денешното издание на британскиот весник „Гардијан“.
– Информациите кои ги изнесе Сноуден му помогнаа на Конгресот и на американскиот народ да го разберат степенот до кој НСА ги злоупотребувала надлежностите и да ги научат уставните права на Американците, нагласи Сандерс.
Според него интересите на правосудството најдобро ќе бидат остварени доколку Владата во една или друга форма покаже милост кон Сноуден или усвои спогодба за признавање на вината, со која тој ќе биде спасен од долгогодишна затворска казна или од постојан прогон.
Групи за заштита на човековите права го повикаа вчера претседателот на САД Барак Обама да застане на вистинската страна на историјата пред да го напушти кабинетот и да го помилува Сноуден.
Сноуден живее во Москва од 2013 година.