Тајландското Mинистерство за надворешни работи денеска објави соопштение според кое Резолуцијата за сосотојбата со човековите права, што минатиот вторник ја усвои Европскиот парламен не е заснована на факти.
Во речиси едногласно усвоената Резолуција, европските парламентарци остро ја осудија внатрешната политика на сегашното раководство, воведена по военниот удар од мај минатата година.
Во Резолуцијата на ЕП, тајландските власти се обвинети за воведената цензура за медиумите, забраната за јавни политички собири, апсења на противниците на военниот режим и одлагање на изборите. Европскиот Парламент оцени дека и одлагањето на изготвувањето на нов Устав, а со тоа и изборите за цивилна власт, ги услножнувале демократските процеси во Тајланд.
Портпаролот на тајландското Министерство за надворешни работи Сек Ванамети изјави дека Резолуцијата била донесена без да се имаат реални сознанија за вистинските состојби во неговата држава. Тајландската дипломатија, иако не отвоено, смета дека членките на Европската унија сега гледаат со друга диоптрија на нивната земја, заборавајќи дека одлуката војската да ја преземе власта била донесена по двегодишни крвави судири на спротиставените политички партии, со голем број жртви на улиците.
Познавачите на приликите во регионот сметаат дека Европскиот парламент со Резолуцијата им помага на иницијаторите на идејата ЕУ да го забрани увозот на смрзната и конзервирана риба и морски плодови од Тајланд во ЕУ. Заговорниците на оваа мерка за ембарго бараа ЕУ да донесе таква одлука до крајот на септември, но Комисијата одлучи за евентуалното ембарго во Брисел да се одлучува во делември. Во државите на ЕУ тајландската рибарска индустрија има извоз од околу две милијарди долари годишно.