Американскиот претседател Џо Бајден веднаш по гласањето во Генералното собрание на Обединетите нации ноќеска изјави дека резолуцијата на ОН против руските анексии во Украина, усвоена со историско мнозинство, е порака до Москва дека не може да избрише суверена држава од картата на светот.
„Денеска огромното мнозинство од земјите во светот – нации од секој регион, големи и мали, кои претставуваат широк спектар на идеологии и влади – гласаа за одбрана на Повелбата на Обединетите нации и го осудуваат нелегалниот обид на Русија да ја анектира украинската територија со сила“, наведе Бајден. во соопштението.
„Влоговите на овој конфликт им се јасни на сите – а светот испрати јасна порака како одговор: Русија не може да избрише суверена држава од мапата. Русија не може да ги менува границите насилно. Русија не може да ја заземе територијата на друга земја како своја“, порача Бајден.
„Речиси осум месеци по оваа војна, светот штотуку покажа дека е пообединет и порешителен од кога и да е дека бара одговорност од Русија за нејзините прекршувања“, додаде американскиот лидер.
Генералното собрание на ОН ноќеска го осуди неодамнешниот потег на Русија за анексија на источните украински региони Доњецк, Херсон, Луганск и Запорожје, со 143 гласа „за“, пет „против“ и 35 „воздржани“.
Извор: МИА