Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска соопшти дека САД обезбедиле милиони дози од експерименталната антивирусна таблета на Фајзер за лекување на Ковид-19, доколку се покаже како ефикасна.
– Ако ФДА ги одобри, наскоро би можеле да имаме таблети кои го лекуваат вирусот кај заразените, рече Бајден и додаде дека САД веќе обезбедиле милиони дози.
– „Терапијата би била уште едно средство во нашата кутија со алатки за заштита на луѓето од најлошите исходи на ковид, истакна Бајден.
Американската фармацевтска компанија Фајзер денеска информира дека нејзината антивирусна таблета против Ковид-19 ја намалува стапката на хоспитализација и смртност за 89 отсто и бара нејзино итно одобрување.
Фајзер денеска ги објави прелиминарните резултати од неговата студија, која беше спроведена на 775 возрасни лица. Пациентите кои го земале лекот заедно со друг антивирусен лек имале 89 отсто намалување на комбинираната хоспитализација или стапката на смртност по еден месец.
Помалку од еден процент од пациентите кои го земале лекот биле хоспитализирани, а ниту еден од учесниците во студијата не починал.
– Ретко е да се види лек, кој е 90 отсто ефикасен и кој сто отсто штити од смрт, изјави научникот Мајкл Долстен.
Велика Британија прва во светот вчера го одобри апчето Мерк против Ковид-19.