Американскиот претседател Џозеф Бајден им честиташе на републиканците за обезбедувањето мнозинство во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес и истакна дека ќе соработува со сите за доброто на Американците.
– Американскиот народ сака да работиме за нив. Ќе работам со кој било – републиканец или демократ – кој е подготвен да работи со мене за да им дадам резултати на граѓаните – рече Бајден во изјавата објавена од Белата куќа, пренесува Ројтерс.
Републиканскиот претставник, конгресменот Мајкл Мекол, вчера изјави за Ројтерс дека неговата партија ќе го искористи мнозинството во Претставничкиот дом за да го интензивира фокусот на Вашингтон на Кина, но ќе продолжи да испраќа помош за Украина во нејзината борба со Русија.
Се предвидува дека републиканците ќе освојат меѓу 218 и 223 места во Претставничкиот дом од 435 места.
Во следните две години тие ќе имаат можност да управуваат со долниот дом на конгресот, додека мнозинството во Сенатот или Горниот дом го обезбеди Демократската партија на чело со Бајден, пренесуваат агенциите.
Со оглед на тоа што гласовите на некои изборни единици се уште се пребројуваат, конечните резултати можеби нема да бидат објавени уште неколку недели.