Американскиот потпретседател Џо Бајден и украинскиот претседател Петро Порошенко телефонски разговараа за ситуацијата во врска со рускиот хуманитарен конвој за источна Украина, соопшти Кабинетот на шефот на украинската држава.
Порошенко го информирал Бајден за организацијата околу формирањето на меѓународна хуманитарна мисија под покровителство на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
Тие се заложија дека Украина и САД ќе продолжат да ги координираат напорите за одговорот на актуелните и потенцијалните закани, се наведува во соопштението.
Киев стравува дека Русија ќе го искористи испраќањето на хуманитарната помош во Украина, како параван за навлегување на сепаратисти во регионите во источниот дел на земјата.
Рускиот конвој со хуманитарна помош, кој тргна во понеделникот од воената база во близина на Москва, но во вторникот запре во Воронеж поради неразјаснетите околности околу преминувањето на руско-украинската граница, утринава го продолжи патот кон Луганск.
Конвојот се состои од 262 камиони со хуманитарна помош, од храна за бебиња и конзервирано месо, па до преносни електрични генератори и вреќи за спиење.