Австрија изложена на критики поради издавање визи на руски пратеници кои се под санкции на ЕУ

Од:

Австрија се најде на удар на критики бидејќи издала визи на руски парламентарци кои се под санкции, а по повод нивното учество на состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Виена.

Москва планира да испрати делегати на состанокот на Парламентарното собрание на ОБСЕ на 23 и 24 февруари, вклучително и 15 руски пратеници кои се под санкции на Европската Унија.

Меѓу нив се и потпретседателот на Думата Пјотр Толстој и пратеникот Леонид Слуцки.

Апелот до австрискиот канцелар, министерот за надворешни работи и другите австриски претставници да им забранат на Русите под санкции да учествуваат на состанокот го потпишаа 81 делегат на ОБСЕ од 20 земји, меѓу кои Франција, Канада, Велика Британија, Полска и Украина.

„Важно е да се запамети дека руските парламентарци се составен дел од системот на моќ и дека тие се соучесници во злосторствата што Русија ги прави секој ден во Украина“, се наведува во писмото.

Како што се додава, за руските парламентарци кои се под санкции „нема место во институција чија задача е да промовира искрен дијалог и противење на војната“.

Австриската Влада ја осуди руската инвазија на Украина пред речиси една година, но ја нагласи и потребата од одржување на дипломатските односи со Москва.

Би можело да ве интересира

Фон дер Лајен: Европа има резерви на гас и покрај уцената на Путин

Русија ја прекина испораката на гас за Австрија поради спор околу плаќањето

Горан Наумовски

Пронајдено телото на двојниот убиец од Австрија по кого полицијата трагаше со денови

А1он

Пронајден е автомобилот на убиецот Роланд Дрекслер, полицијата интензивно трага по него

Австриската полиција трага по убиецот на градоначалникот на општина Кирхберг

Убиство во Австрија: Ловџија усмрти градоначалник