Владата на Австралија го прогласи 7 август за Ден на жалост за загинатите во соборениот малезиски авион во источна Украина.
Премиерот Тони Абот изјави дека на тој ден националните знамиња ќе бидат спуштени на половина копје во сите владини згради и во амбасадите на Австралија во странство.
ИТАР-ТАСС јавува дека во катедралата „Сент Патрик“ во Мелбурн на тој ден ќе се одржи церемонија за помен на жртвите.
На 7 јули „Боинг-777“ на „Малејжа ерлајнс“, што изведуваше лет од Амстердам за Куала Лумпур, беше соборен на територијата на Доњецката област во Украина. Во несреќата загинаа 298 лица, од кои 38 Австралијци.
Меѓу жртвите имаше државјани на Малезија, Холандија, Индонезија, Велика Британија, Германија, Белгија, Филипини, Канада и Нов Зеланд.
На местото на несреќата сè уште има околу 80 непронајдени тела, смета австралиската Влада, која ја обвини Русија дека ѝ попречува на истрагата, пренесе ДПА.
– Ја добиваме најсилната можна поддршка од украинската Влада, но борбите на местото на несреќата продолжуваат. Имам големи стравувања дека Русија активно ја поткопува истргата – изјави австралиската министерка за надворешни работи Џули Бишоп во телевизиско интервју.
Австралија, САД и Европа ја обвинуваат Москва дека ги вооружува бунтовниците, осомничени за соборувањето на авионот на 17 јули.
Русија негира секаква вина за трагедијата.
– Меѓународните истражители сè уште не се во состојба да стигнат до местото на несреќата за да ги побараат преостанатите тела и докази, и покрај уверувањата на Владимир Путин дека ќе помогне во обезбедувањето на пристапот – рече австралиската шефица на дипломатијата.