Поранешниот воспитувач во градинка Ешли Пол Грифит денеска призна дека извршил 307 сексуални престапи врз десетици деца во периодот меѓу 2007 и 2022 година кога работел во детски институции во Бризбејн, објавија австралиските медиуми.
Грифит (46), жител на Голд Коуст, се изјаснил за виновен по сите обвиненија на сослушувањето одржано утрово во Окружниот суд во Квинсленд, пренесува лондонски Гардијан.
Читањето на сите 307 обвиненија утрово траеше два часа во преполната судница, некои од присутните беа принудени да стојат поради недостиг на простор во судницата, а неколкумина плачеа за време на рочиштето со кое претседаваше судијата Ентони Рафтер.
Грифит смирено се изјасни за виновен по сите точки од обвинението и формално беше осуден за сексуални престапи извршени во дневните центри каде што работеше помеѓу јануари 2007 и август 2022 година.
Обвиненијата вклучуваат 190 точки од обвинението за незаконско и непристојно постапување со дете помладо од 12 години додека работеле во детска установа, 28 точки за силување, 67 точки за изработка на материјал за експлоатација на деца, четири точки за производство на материјал за експлоатација на деца и една точка за дистрибуција на материјал за експлоатација на деца.
На прашањето на судијата дали има нешто да каже, Грифит отсечно одговори „не“.