Австралија: Медицински работници тврдат дека убиваат израелски пациенти

Од:

Одделот за здравство на Нов Јужен Велс (NSW) во Австралија повика полиција и започна итна истрага откако на социјалните мрежи се појави снимка на која се гледаат двајца медицински работници од болницата Банкстаун како се фалат дека убиваат и одбиваат да лекуваат израелски пациенти, дознава „Сиднеј морнинг хералд“.


Австралискиот премиер Крис Минс изјави претходно денеска дека лицата се идентификувани и суспендирани од должност во очекување на целосна истрага.

Министерот за здравство на Нов Јужен Велс, Рајан Парк, рече дека е згрозен од снимката, која стана вирална на социјалните мрежи, додека заменик-министерот за надворешни работи на Израел повика на отпуштање на мажот и жената што се појавуваат на видеото.

„Овие коментари се одвратни, дехуманизирачки и неприфатливи“, рече Парк.

Парк додаде дека коментарите од видеото не ги одразуваат вредностите на заедницата на Нов Јужен Велс.

„Побарав од Министерството за здравство на Нов Јужен Велс итно да започне истрага за да се идентификуваат овие лица, а случајот е пријавен и во полиција“, рече Парк, додавајќи: „Ако истрагата го потврди ваквото однесување, овие лица повеќе нема да работат за Одделот за здравство на Нов Јужен Велс“.


Израелскиот инфлуенсер Макс Вејфер објави видео на Инстаграм и ТикТок во кое разговара со маж и жена. На прашањето што би се случило доколку израелски пациент дојде во болница, жената изјавила дека ќе го убие пациентот: „Не би го лекувала, туку би го убила. Еден ден ќе дојде вашето време и ќе умрете на најстрашниот начин“.

Израелскиот заменик-министер за надворешни работи, Шарен Хаскел, рече дека треба да се спроведе истрага: „Треба да има итна истрага за овие двајца австралиски медицински професионалци кои рекоа дека ќе убијат израелски пациенти – и сугерираа дека веќе го сториле тоа. Тие изразуваат криминална намера против Евреите, ова мора да престане“.

Хаскел, кој претходно работел како ветеринар во Австралија, се осврна на антисемитизмот во таа земја:

„Антисемитизмот е болест што се шири низ Австралија. Ова однесување мора да биде санкционирано со најстроги законски казни, а најмалку што треба да се направи е да се отпуштат од работа. Тие зборуваат за убивање Евреи, што јасно го покажува вистинскиот расизам и омраза што моментално ги доживува австралиската еврејска заедница“.

Главниот извршен директор на Советот на австралиските Евреи Алекс Ривчин рече дека видеото е вознемирувачко за гледање.

„Нивната бесчувствителна, радосна омраза е увертира за насилството што сега го доживуваме во нашата земја и мора да се искорени“, рече тој.

„Овие двајца медицински работници вработени во Одделот за здравство на Нов Јужен Велс мора да бидат идентификувани и веднаш отстранети од секоја ситуација во која би можеле да ги исполнат своите закани и злонамерни намери“, додаде тој.

Претседателот на Еврејскиот комитет на Нов Јужен Велс, Дејвид Осип, рече дека доколку се открие дека луѓето од видеото се вработени во здравствениот систем на Нов Јужен Велс, веднаш треба да бидат отпуштени.

„Ужасно е што некој мисли дека може толку лесно да изрази таква омраза додека носи медицинска облека од Министерството за здравство на Нов Јужен Велс“, додаде тој.

Би можело да ве интересира

Повеќе од 25.000 домови во Австралија без струја поради невреме

Откриен нов вид пајак: Нема противотров за него

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Се урна мал авион во Австралија, тројца загинати

А1он

Двајца морнари загинаа во одделни несреќи на трката Сиднеј-Хобарт

(ВИДЕО) Запалена е синагога во Мелбурн, внатре имало верници, има и повредени

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Милијардер делеше пари пред супермаркет – на 1.000 семејства им подели 150.000 долари

А1он