Австралија ќе купи подморници на нуклеарен погон со помош од сојузниците

Од:

САД, Австралија и Обединетото Кралство открија детали за планот Австралија да набави подморници на нуклеарен погон на почетокот на следната деценија за да одговараат на амбициите на Кина во индо-пацифичкиот регион.

Во обраќањето на церемонијата во американската поморска база во Сан Диего, во присуство на австралискиот премиер Ентони Албанес и британскиот премиер Риши Сунак, американскиот претседател Џозеф Бајден го нарече договорот во рамките на Трипартитното партнерство (AUCUS) како дел од заедничка посветеност на слободен и отворен индо-пацифички регион со двајца од „најсилните и најспособните сојузници на Америка“.

Бајден нагласи дека подморниците се „на нуклеарен погон, а не на нуклеарно вооружување“, пренесува Ројтерс.

Партнерството, објавено во 2021 година, ѝ дава на Австралија пристап до подморници на нуклеарен погон, кои се поскриени и поспособни од бродовите со конвенционален погон, како противтежа на военото засилување на Кина, пренесе Ројтерс.

Австралискиот премиер рече дека договорот „претставува најголема поединечна инвестиција во одбранбената способност на Австралија во целата историја на земјата“.

– Тоа е, исто така, прв пат во 65 години САД да ја споделат својата технологија за нуклеарен погон и ние ви благодариме за тоа, рече Албанес.

Британскиот премиер го нарече AUKUS „моќно партнерство“.

„За прв пат, ова ќе значи дека три подморнички флоти работат заедно преку Атлантикот и Тихиот Океан, чувајќи ги нашите океани слободни во следните децении“, рече Сунак.

Според договорот, САД имаат намера на почетокот на следната деценија на Австралија да и продаваат три американски подморници со нуклеарен погон од класата Вирџинија, произведени од General Dynamics, со можност Австралија да купи уште две доколку е потребно, се вели во заедничкото соопштение.

Се наведува дека проектот ќе кулминира со британско и австралиско производство на нова класа подморници, SSN-AUKUS – „трилатерално развиен“ брод заснован на британски дизајн.

Следната генерација на подморници ќе биде изградена во Велика Британија и Австралија со американска технологија и поддршка.

Кина го осуди AUCUS како нелегален чин на ширење на нуклеарното оружје.

„Планот претставува сериозни ризици од ширење на нуклеарното оружје, го поткопува меѓународниот систем за неширење, поттикнува трка во вооружување и им штети на мирот и стабилноста“, објави на Твитер постојаната мисија на Кина во Обединетите нации.

Запрашан дали е загрижен дека Кина може да го сфати договорот за подморницата AUKUS како агресија, Бајден одговори „не“.Тој исто така додаде дека наскоро очекува да разговара со кинескиот лидер Си Џинпинг, но не кажа кога.

Проектот ќе чини 368 милијарди австралиски долари (245 милијарди американски долари) до 2055 година. Како дел од AUKUS, Вашингтон споделува нуклеарна технологија за прв пат од 1950-тите кога ја сподели со Велика Британија.

Австралискиот премиер ги брани големите трошоци, нагласувајќи дека тоа е „економски план, а не само план за одбрана и безбедност“.

Тој рече дека очекува AUKUS да резултира со 6 милијарди австралиски долари инвестирани во индустрискиот капацитет на Австралија во следните четири години и да отвори околу 20.000 директни работни места во следните 30 години.

Австралискиот министер за одбрана Ричард Марлс вели дека тоа е инвестиција во безбедноста на нацијата и тоа е инвестиција што не треба да ја пропуштат.

Би можело да ве интересира

Путин: Русија има застрашувачки подморници

Данска ги поддржа САД во спорот со Франција за подморниците

А1он

Австралија и Франција склучија договор за изградба на 12 подморници