Авионот на боливискиот претседател Ево Моралес, кој доцна синоќа беше принуден да слета во Виена заради одбивање на дозволата за прелет за повеќе европски земји, и натаму е приземјен на виенскиот аеродром Швехат, а шпанските власти бараат инспекција на леталото.
Министерот за одбрана на Боливија, Рувен Саведра, во Виена изјави дека Шпанија се уште не дала дозвола за прелет, а шпанската влада бара инспекција на претседателовиот авион, што е неприфатливо.
Тој ја обвини шпанската влада дека е единствената земја која ја одбила дозволата за прелет, и дека и натаму инсистира на ставот за притисоците на САД.
Обвинувањата дека поранешниот американски разузнувач Едвард Сноуден се наоѓа во авионот „се целосно неосновани гласини и целосно неточни“, подвлече Саведра.
-Боливиската влада нема контакт со Сноуден, нитузнае каде се наоѓа, рече тој.
Фактот дека претседателот Моралес е затворен во Виена тој ја окарактеризира како шефот на боливиската држава да е земен за заложник.
Големо изненадување беше што Франција во последен момент го забрани прелетот на својот воздушен простор на авионот на претседателот на Боливија Ево Моралес, објасни денеска Саведра, изјавувајќи дека авионот пред полетувањето ги имал сите потребни дозволи.
Тој на новинарите во Виена им кажа дека тоа било големо изненадување и дека авионот, во текот на полетувањето од Москва, ги имал сите потребни дозволи.
Моралес, како што пренесе министерот, истакнал дека такво нешто до сега не доживеал.
На прашањето дали Боливија е оставена сама по прашањето на давањето азил за Сноуден Моралес изјавил дека не верува, и укажал дека во Латинска Америка е присутна голема мобилизација за ова прашање.