Авганистанскиот врховен лидер нареди целосно спроведување на исламскиот закон

Од:

Авганистанскиот врховен верски лидер Хибатула Ахунџад им нареди на судиите целосно да ги спроведуваат сите аспекти на исламскиот закон, што вклучуваат јавни егзекуции, каменување и камшикување и ампутирање на екстремитетите за крадците, изјави главниот портпарол на талибанците Забихула Муџахид.

Махуџид на Твитер соопшти дека „обврзувачката наредба“ на лидерот Ахунџад доаѓа откако таинствениот лидер се сретнал со група судии.

Ахунџад, кој не е снимен или фотографиран во јавноста откако талибанците се вратија на власт во август минатата година, владее од Кандахар, родното место и духовен центар на движењето.

Талибанците ветија помека верзија на острото владеење што ја карактеризираше нивната прва влада, од 1996 до 2001 година, но постепено ги скратуваат сите права и слободи.

-Внимателно прегледајте ги досиејата на крадците, киднаперите и бунтовниците, ги цитира Муџахид зборовите на лидерот Ахунџад.

„Се што ги исполнува шеријатските барања за худуд и кисас, вие сте должни да го спроведете. Ова е одредба на шеријатот и мојата заповед, која е задолжителна“.

Худуд се однесува на прекршоци за кои, според исламскиот закон, се пропишани одредени видови казни, додека кисас во превод значи „одмазда во натура“ или буквално око за око.

Злосторствата во худуд вклучуваат прељуба и лажно обвинување некого за тоа, консумирање алкохол, кражба, киднапирање и грабеж на автопат, отпадништво и бунт.

Кисас опфаќа, меѓу другото, убиства и намерно ранување, но исто така им дозволува на семејствата на жртвите да прифатат компензација наместо казна.

Исламските научници велат дека злосторствата што водат до казна за худуд бараат многу висок степен на доказ, вклучувајќи, во случај на прељуба, признание или сведочење на четворица возрасни муслимани.

Повеќе од една година социјалните мрежи се преплавени со видеа и слики на талибански борци како камшикуваат луѓе обвинети за различни прекршоци.

Талибанците исто така неколку пати јавно ги изложија телата на киднаперите за кои рекоа дека биле убиени во престрелка.

Рахима Попалзаи, правна и политичка аналитичарка, изјави дека указот би можел да биде обид на талибанците да ја зајакнат репутацијата за која сметаат дека е омекната откако се вратија на власт.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Макрон им даде ултиматум на француските муслимански лидери да прифатат дека Исламот не e политичко движење

Жарко Настоски

Претседателот на Францускиот совет на муслиманската вера „не сака“ карикатурите на Мохамед да се прикажуваат во училиштата

Ана Ололовска

Муслиманите ширум светот го дочекаа Фитр Бајрам во време на пандемија

А1он

ВИДЕО: Во Чеченија отворена најголемата џамија во Европа

Ана Ололовска

Папата вели дека муслиманите треба да ги сметаме за „партнери”

Ана Ололовска

Муслиманите ширум светот го одбележуваат Бајрам

Ана Ололовска