Авганистанците продолжуваат да бараат начини да избегаат, иако ЕУ ги затвора вратите

Од:

ДПА – Хамбург

Властите во Европската унија се мачат да го сопрат мигрантскиот проток од Авганистан, но бизнисот на „каналџиите“ продолжува да цвета, затоа што Авганистанците се обидуваат да избегаат од несигурноста и економските проблеми.

Во центарот на Кабул, до зградата на авганистанското министерство за надворешни работи, подигнат е молот Ѓулбахар – не само трговски комплекс, туку и средиште на огромниот бизнис со нелегално внесување на авганистанци во Европа.

Во подземјето на молот околу 50 туроператори продаваат не само билети за Мека. Во последно време Авганистанците одат таму за да го договорат со каналџиите своето бегство од земјата.

По крајот на војната мисија на НАТО во декември 2014, небезбедноста и невработеноста во Авганистан неколкуратно порасна. Талибанците влегоа во многу провинции, а бројот на жртвите меѓу граѓанското население расте стромглаво.

Во Европа, Авганистанците се третата по бројност група бегалци, затоа што бараат спас од се полошата ситуација со безбедноста и економијата во татковината.

Нивниот број расте поради шверцерите со луѓе, кои ги уверуваат бегалците дека ќе им ги решат, само ако имаат доволно пари.

Во саботата пред трговскиот центар убаво облечен млад маж, со традиционална авганистанска облека, седи во автомобил Тојота корола додека неговиот помошник му ги подготвува разговорите со клиентите кои нагрнуваат еден по друг. „Шефот е зафатен“, не сопира да им повторува помошникот.

– Затворените граници во Европа не го засегаат мојот бизнис, изјави каналџијата кој побара анонимност. Тој додаде дека продолжува да испраќа кон Европа по најмалку 33 авганистанци секоја недела.

– Оние кои се принудени да стојат на грчко-македонската граница немаат пари да и платат граничната полиција, рече каналиџијата со што дава до знаење дека полицијата во Европа зема пари од мигрантите за да ги пропушта. „Излегува околу 400-500 евра по човек“, рече тој и додаде дека бројот на оние кои можат да преминат е ограничен. „Секоја ноќ околу 50-100 души ја преминуваат границата отако ќе ја поткупат полицијата“.

Но некои Авганистанци се откажале од своите планови да емигрираат, а други бараат алтернативи.

– Минатата година имав намера да одам во Германија, но во ситуација кога сега мои пријатели се принудени да стојат во Грција, патувањето се одложува, рече 27-годишен жител на Кабул, Али Сина. Тој планирал да ја напушти земјата „заради нестабилната ситуација со безбедноста и политичката нестабилност“.

Сина дополни дека во Авганистан се уште има семејства и луѓе кои тргнуваат кон Европа. „Познавам семејство кое пред два дена го напушти Кабул. Сега се во Иран“.

Други одат за Пакистан. Четиричлено семејство од нестабилната провинција Газни неодамна се откажало од намерата да избегаат во Европа и сега бара засолниште во Квета, во Пакистан. Тие се хазари, и се од шиитското малцинство во Авганистан. Талибанците – кои се сунити, не еднаш напаѓале хазари и тоа ги плаши шиитите.

Но Пакистан веќе не дава азил за Авганистанците. Земјата веќе примила над 2,5 милиони од нив и има намера да почне да враќа многу од нив што е можно поскоро.

Други осмислуваат нови маршрути преку Азија. Седумчлено семејство има намера да замине кон Индија, за која авганистанците лесно добиваа визи. Целта им е да стигнат до Индонезија – можеби преку Малезија, рече главата на семејството. Не е сигурен за подробностите но без разлика на тоа, семејството ќе се обиде.

Некои веќе се откажале да заминат. Еден од нив е 19-годишниот кабулски жител Есханула. Тој рече дека веќе два пати се обидел, но го фаќале во Иран и го враќале. Брат му, кој е во Германија, не сака Есханула да прави нов обид – „ситуацијата за авганистанците се промени“, изјави тој.

На крајот на февруари, Германија врати со специјален лет 125 авганистански мигранти во нивната татковина, и рече дека тие доброволно се враќаат. Минатата година во федералната република азил побарале 154 илјади авганистанци, со што тие се втората најголема група кандидиати за азил, по сиријците.

За да ги убеди бегалците да не заминуваат, Берлин започна кампања во Авганистан со плакати на кои пишува „Сигурни ли сте дека сакате да го напуштитет Авганистан?“ и со раскринкување на лагите кои швецерите со луѓе им ги кажуваат за тоа што ги очекува.

Есханула рече дека ќе остане во Авганистан и ќе се фокусира на иднината по завршувањето на студиите. „Можеби ќе можам да ја напуштам земјата со стипендија“, рече тој.

Би можело да ве интересира

Девет деца загинаа откако експлодираше нагазна мина во Авганистан

Силен земјотрес го погоди Авганистан

Османи на дискусија за поддршка на бранителите на демократијата од Авганистан: Македонија покажа одговорност кога тоа беше најпотребно

Орце Костов

Нов силен земјотрес го погоди западниот дел на Авганистан

Силен земјотрес е регистриран во Авганистан, на границата со Таџикистан

Силен земјотрес го погоди Авганистан