Атлантски совет на САД: НАТО да го крене нивото на партнерските земји

Од:

НАТО треба да ја засили улогата на земјите кои се партнери, и кои честопати придонесуваат повеќе кон мировните мисии на Алијансата од земјите кои се полноправни членки, заклучија авторите на извештајот за глобалните партнерства на НАТО, подготвен од Атланскиот совет на САД.

Во дискусијата во Вашингтон за идната стратегија на НАТО кон партнерскит земји беше истакнато дека земјите кои не се членки треба да добијат конкретни предности ако ги поддржуваат мисиите на НАТО, вклучително и право да одлучуваат во Северно-атланскиот совет, за конкретните мисии.

– Земји како Шведска, на пример, кои се подготвени да обезбедат единици кои се интероперабилни со единиците на НАТО, за возврат треба да добијат посебно ниво на пристап до НАТО. Врховната команда на НАТО во Европа која има систем на проценка дали понудените единици се спремни да дејствуваат заедно со НАТО може да ги оценува и земјите – партнери во целина, дали имаат вооружени сили кои се НАТО интероперабилни. По позитивната проценка, овие земји може да добијат полн пристап до секој комитет на НАТО кој има врска со интероперабилноста, потоа да имаат право да именуваат офицери во командата на НАТО и, можеби најконтроверзно, да учествуваат на состаноците на Северно-атланскиот совет и да учествуваат во носењето одлуки за мисиите во кои одат и нивните војници. Ова би покажало дека овие земји би имале поволности, за разлика од партнерите кои не се навистина ангажирани на воен начин, изјави Дејмон Вилсон, потпретседател на Атланскиот совет на САД.

Северно-атланскиот совет е највисокото политичко тело на НАТО составено од амбасадорите на државите членки, или повисоките претставници на овие земји, кое ги носи одлуките на ниво на НАТО.

Според Вилсон, НАТО може да ја разгледа идејата за формирање на форум на партнерски земји, која би го надминала сегашниот регионален пристап на голем број договори за соработка со повеќе пријателски држави од разни региони.

На дискусијата во Атланскиот совет беа изнесени оценки дека во иднина стратегијата на НАТО се повеќе треба да се потпира на партнерските земји, група држави во кои спаѓаат 13 земји како Австралија, Јапонија, Катар и Шведска. Македонија вообичаено не се смета како дел од оваа група, поради условената покана за членство.

Амбасадорот на Данска во Вашингтон Петер Таксе Јенсен изјави дека НАТО мора да го прифати фактот дека држави членки на Алијансата даваат помала поддршка на некои мисии од држави кои не се членки.

– Мораме да почнеме да ја замачкуваме границата меѓу сојузниците и не-сојузниците, односно партнерите. Да го прифатиме фактот дека некои земји кои не се членки на НАТО даваат придонес кон мисиите на НАТО повеќе од некои држави – членки. Ни требаат одделни контакти со нашите партнери, кои ги делат нашите вредности, и да најдеме начин како да даваат што е можно повеќе поддршка, изјави Таксе Јенсен.

Амбасадорот на Катар, генерал Мухамед бин Абдула ал-Румаихи, не ги штедеше зборовите на критика за односот на НАТО кон државите кои активно учествуваат во мировни операции, како што беше конфликтот во Либија, и се обидуваат да ја продлабочат соработката со НАТО.

– Еднаш годишно НАТО ќе ги викне арапските земји од процесот за Истанбулска соработка во Брисел, но место да се сретнеме со воените лица, средбите се сметаат како обична промоција наменета за пред јавноста, а за нас тоа е како туристичка посета. Кога треба да потпишеме договор за соработка, мора да работиме со сите 28 членки одделно, изјави амбасадорот ал-Румаихи.

Би можело да ве интересира

Алаудинов: Ќе го уништиме НАТО до 2030 година

НАТО соопшти дека не ги гледа условите за поканување на Киев во Алијансата

НАТО: Украина да обезбеди војници, ние испраќаме само средства

Горан Наумовски

Нордиските и балтичките земји ја поддржуваат улогата на НАТО во поддршката на Украина

Русија: Немаме намера да влегуваме во конфликт со НАТО

Четири години од членството во НАТО – Земјава не е само фактор на стабилизација на регионот, туку и поттик за државите во соседството