Авганистанскиот претседател Ашраф Гани изјави дека во земјата се појавил „прозорец на можности за забрзување на мировниот процес“ по најавата на НАТО дека не е донесена конечна одлука за повлекување на трупите.
НАТО има речиси 10.000 војници во Авганистан. Според договорот меѓу САД и Талибанците, тие требаше да бидат повлечени до мај годинава. Но постои опасност дека насилството на талибанските бунтовници може да се зајакне.
Гани за истакна дека соопштението на НАТО им дозволува на „сите страни во конфликтот да направат анализа и да заклучат дека употребата на сила не е решение. Треба да постигнеме политички договор“.
Тој додаде дека треба да постои „координиран напор“ на меѓународно ниво „за испраќање сигнали дека одредени видови на однесување се неприфатливи“.
Авганистанскиот претседател не сакаше да шпекулира за тоа колку странски војници се потребни или колкав временски период, велејќи дека „тоа зависи од интензитетот на војната“.
Американскиот претседател Џо Бајден моментно го разгледува договорот склучен од неговиот претходник Доналд Трамп. Иако повеќето странски војници, кои се стационирани во Авганистан, не се американски, операцијата на НАТО може да има сериозен проблем доколку се повлече поддршката на САД.
Гани, кој беше исклучен од договорот меѓу САД и Талибанците во Доха, изјави дека е „воодушевен“ од неговиот однос со новата американска администрација и новата „кохерентност“ во пристапот на меѓународната заедница кон иднината на Авганистан.
– Силата на кохерентност е она на што се надевам за да се избегнат трагедиите. Има толку многу стравови од евентуално нова граѓанска војна, рече тој, признавајќи дека двете страни се подготвуваат за војна.
Но, Гани ги отфрли стравувањата од воена победа на талибанците, нагласувајќи дека „ова не е Виетнам и Владата нема да пропадне“.
Ашраф Гани изрази уверување дека контекстот во моментов „е еден – оној на надежта, а не на очајот“.
Авганистанскиот лидер сега се соочува со зголемени повици и притисок да формира времена влада со учество на Талибанците во власта, со цел за да се избегне хаос и можна граѓанска војна.
Тој додаде дека неговиот петгодишен мандат не е поважен од мирот, но инсистира на тоа дека „иднината ќе ја одредат луѓето во Авганистан, а не некој што седи зад биро и прави планови“.