Основачот на „Викиликс“ Џулијан Асанж, кој веќе подолго време престојува во амбасадата на Еквадор во Лондон, оцени дека слободата и безбедноста не се исклучуваат, а дека во САД потребата за безбедност е злоупотребена.
– Не постои ниту еден конфликт меѓу слободата и безбедноста. Тоа е само изговор, од кој профитира безбедносната индустрија, рече во интервју за виенскиот весник „Кронен цајтунг“.
Сите независни земји мораат да бидат подготвени на борба, потребна им е војска, одбранбена индустрија и разузнавачка служба, но САД тоа го злоупотребија, додаде Асанж.
Според него, во САД постојат 5,5 милиони луѓе кои имаат пристап до тајните државни безбедносни информации и право да користат ограничување на слободата. Тоа, како што е оценето, е непропорционално.
Асанж во исто време ги критикуваше „големите“ медиуми, истакнувајќи оти се корумпирани, бидејќи имаат многу интересеи, а издавачите мора да прават отстапки за да седат на маса со важни луѓе. Тоа, како што истакна, е проблем на „Њујорк тајмс“, „Гардијан“ и повеќето големи медиуми.