Основачот на „Викиликс“ Џулијан Асанж изјави денеска дека се создава нов светски поредок во кој доминантна улога ќе има апаратот на државна безбедност, а компанијата „Гугл“ ја оцени како „многу голема и лоша“.
– Сведоци сме дека секоја четврта година доаѓа до двојно зголемување на моќта на американската Национална агенција за безбедност, истакна Асанж во својот говор проследен до учесниците на меѓународната конференција во Амстердам, посветена на интернет технологијата.
Асанж, кој се наоѓа во Амбасадата на Еквадор во Лондон повеќе од една година, оцени дека дури и одделни експерти не се свесни што точно се случува.
Тој нагласи дека, имајќи ја предвид распространетоста на социјалните мрежи, луѓето доброволно ги даваат своите лични податоци и со тоа всушност бесплатно ја одработуваат работата за американската Агенција. Според него, на светот му се потребни граници кои би ја штителе приватноста на граѓаните
Асанж ги повика оние кои работат за безбедносниот апарат, а веруваат дека тоа е погрешно, да престанат да го прават тоа.
Основачот на „Викиликс“, кој објави илјадници доверливи дипломатски депеши на САД, ја критикуваше компанијата „Гугл“ дека станала „премногу голема и лоша“.
– Како „Гугл“ стана дел од системот, така стана голем и лош, истакна Асанж, додавајќи дека овој интернет гигант дава огромни суми на пари за лобирање.
Тој им порача на експертите за интернет технологија да не се плашат.
– Не дозволувајте да ве исплашат и да го спречат вашиот значаен придонес за светот, нагласи Асанж.