Аргентинскиот претседател Маурисио Макри сведочи денеска пред Федералниот суд во Буенос Ајрес во врска со појавувањето на неговото име во податоците на адвокатската фирма „Мосак Фонсека“, познати како „Панамски документи“.
Истрагата е отворена вчера, откако аргентинските медиуми објавија детали од документите, според кои, Макри бил заведен како директор на оф-шор фирмата „Флег Трејдинг“, регистрирана на Бахамските Острови.
Пред појавувањето на сослушување во Судот, Макри изјави дека сведочи за да ги увери правосудните власти дека ја зборува вистината околу овој случај.
Претседателот тврди дека нема никакви акции и не примил никаков приход или плата како директор на оваа оф-шор компанија.
– Знам дека има луѓе кои се загрижени од сомневањата во врска со „Панамските документи“ каде и мене ме споменуваат, но јас сум мирен. Дејствував во ремките на законот и нема што да кријам, изјави синоќа Макри во специјалното телевизиско обраќање до аргентинската јавност.
Аргентинскиот весник „Насион“ објави дека претседателот се водел како директор на „Флег Трејдинг“ од 1998 до 2009 година, но тоа не го споменал во својот имотен лист во 2007 година, кога првпат беше избран за градоначалник на Буенос Ајрес, а ниту во 2015 година, кога стана претседател на Аргентина.
Тој призна дека оф-шор компанијата ја формирале група бизнисмени поврзани со неговото семејство, но Кабинетот на Макри соопшти дека тој никогаш немал ништо со фирмата, а ниту примал некаков приход.
Опозициските и левичарските партии и групи синоќа организираа демонстрации во Буенос Ајрес, на кои беше побарана оставка од претседателот.
Во текот на својата кампања за изборите минатата есен, Маурисио Макри најави остра пресметка со раширената корупција во Аргентина.
Во отворената истрага околу „Панамските документи“ се вклучени и аргентинската даночна управа, како и антикорупциската комисија.