Неколку недели по руската инвазија на Украина, украинскиот претседател Володомир Зеленски има огромна поддршка од Американците како се справува со надворешната политика, покажуваат резултатите од најновата анекта на Истражен центар „Пју“.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, околу седум од десет Американци (72 отсто) има голема или некоја доверба во Зеленски, најмногу досега од кој и да било меѓународен лидер, се вели во анкетата.
Во неа се мери довербата кај Американците и за други светски лидери. Така, рејтингот на францускиот претседател Емануел Макрон кај нив е 55 отсто, додека за германскиот канцелар Олаф Шолц е 53 отсто.
Американците се поделени во однос на поддршката на својот претседател Џо Бајден и како тој се справува со меѓународните активности. Така, 48 отсто од нив имаат доверба во него во однос на ова, додека 52 отсто немаат премногу доверба или немаат доверба воопшто, како тој се справува со надворешната политика.
Само 15 отсто од Американците имаат доверба во кинескиот претседател Си Џинпин, но тоа не е најниска бројка.
Нејнеподдржан од светските лидери во САД е рускиот претседател Владимир Путин, со само 5 отсто од Американците кои изразиле доверба во него по неговата инвазија на Украина, најниско досега во дваесетгодишната историја на оваа анкета за некој странски лидер.
Во анкетата на „Пју“ контактирани се 3.581 возрасни Американци, а била спроведена од 21 до 27 март.
Извор: МИА