Последната анкета на чешкиот Центар за јавно мислење (ЦВВМ), покажува дека на претседателот на Чешка, Милош Земан му веруваат 48 проценти од граѓаните на земјата, што е најниско ниво во последната година.
Според аналитичарите, тоа се должи на последниот случај околу недоделувањето на признание на Јиржи Бради, истакнат писател, кој го преживеал Холокаустот, што предизвика незадоволство кај дел од Чесите, кои излегоа и на протести, јави дописникот на МИА од Прага.
– Се работи за традиционални есенски резултати, кои во различни варијанти се повторуваат по традиционалните „антиземановски“ периоди, коментираше на Твитер портпаролот на претседателот Јиржи Овчачек.
Претходно, најмала доверба во Земан изразија граѓаните во декември 2014 година, кога поддршка му даваа само 34 проценти од луѓето.
Тогаш, Земан беше критикуван поради неговите вулгарни забелешки во едно интервју, како и за неговата изјава по посетата на Кина.
Деталната анализа на ЦВВМ покажува дека довербата во претседателот обично се зголемува со зголемувањето на задоволството од политичката ситуација.
Со неа, во ноември бил задоволен само еден од шест граѓани, а речиси половина од граѓаните биле незадоволни. Во споредба со октомври, незадоволството е зголемено на четири процентни поени на 48 проценти.
Извештајот покажува дека најголем дел од приврзаниците на Земан се луѓе на возраст од над 60 години, како и гласачи на Чешката социјалдемократска партија (ЧССД) и на комунистите.