Портпаролот на Белата куќа Џеј Карни потврди дека вечерва американскиот претседател Барак Обама телефонски ќе разговара со рускиот колега Владимир Путин за Едвард Сноуден.
Изјавата на Карни уследи неколку часови откако поранешниот американски разузнавач најави дека ќе побара привремен азил во Русија. Карни посочи и дека вечерашниот телефонски разговор меѓу Обама и Путин е закажан пред неколку денови.
Портпаролот на Белата куќа посочи и дека ако Москва му даде политичкиот азил на Сноуден тоа ќе ги наруши односите меѓу САД и Русија.
– Давањето на азил не е во согласност со уверувањата од руска страна дека Москва не сака да ги наруши односите со Вашингтон поради Сноуден, истакна Карни.
Тој уште еднаш повтори дека Вашингтон сакаат поранешниот соработник на Агенција за национална безбедност (НСА) да биде екстрадиран во САД, каде ќе мусе суди за објавување на тајни информации.
Сноуден денеска се сретна со 13 претставници на организации за заштита на човековите права на московскиот аеродром „Шереметјево“, во чија транзитна зона се наоѓа откако на 23 јуни со авион допатува од Хонг Конг.
Татјана Локшина од руската филијала на „Хјуман Рајтс Воч“ потврди дека Сноуден има намера да побара политички азил во Русија, бидејќи, како што рекол, „не може да отпатува во Јужна Америка“.
На прашањето дали Сноуден има намера да продолжи со објавување информации, Локшина изјави дека тој рекол оти „неговата работа завршила“.
Претставникот за печат на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска изјави дека Кремљ се уште не добил барање од Едвард Сноуден за политички азил, но дека условите за негово добивање остануваат исти како и до сега – да се откаже од активностите кои им штетат на САД.