Американски пратеник оди во Етиопија да апелира за мирно решение

Од:

Американскиот пратеник за Рогот на Африка Џефри Фелтман утре и во петок ќе ја посети Етиопија за да повика на мирно решение во земја во време кога ескалираат судирите меѓу владините сили и бунтовничките групи кои напредуваат кон главниот град Адис Абеба.

– САД се сè позагрижени поради растечкиот обем на борбени операции и насилството меѓу заедниците и внимателно ја следат ситуацијата, изјави денеска портпаролот на Стејт департментот при најавата на посетата.

Тој рече дека САД ги повикуваат сите Етиопјани да се ангажираат за мир и да ги решат своите спорови преку дијалог.

Бунтовниците на Ослободителниот фронт на народот на Тиграј (ТПЛФ) викендов соопштија дека ги освоиле градовите Деси и Комбоча, кои се наоѓаат на раскрсница на 400 километри од Адис Абеба.

Владата на Етиопија вчера прогласи вонредна состојба во целата земја и ги повика жителите на Адис Абеба да бидат подготвени да ги бранат своите населби.

Во исто време, Ослободителната војска на Оромо (ОЛА), која се приклучи на ТПЛФ, соопшти дека влегла на неколку места јужно од окупираните градови, покрај автопатот што води до главниот град Адис Абеба.

Заземањето на Адис Абеба е прашање на месеци, ако не и недели, оцени денеска бунтовничката група на етничкото малцинство оромо.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден во последните денови го зголеми притисокот врз бунтовниците и властите. Американската Влада вчера соопшти дека е подготвена да ѝ ускрати на Етиопија важен трговски договор поради кршење на човековите права во регионот Тиграј.

Судирот меѓу бунтовниците во Тиграј и владините сили избувна во ноември минатата година кога етиопскиот премиер Абиј Ахмед нареди офанзива против бунтовничките сили во регионот.

Ахмед прогласи победа на 28 ноември минатата година, откако испрати војници во регионот за да ги соборат одметнатите локални власти кои потекнуваат од ТПЛФ. Меѓутоа, во јуни, борците на ТПЛФ повторно зазедоа поголем дел од областа и ги принудија владините трупи да се повлечат. Тие потоа ја продолжија офанзивата на соседните области Ахмар и Афар.

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија