Американски пилоти летаат над Нигерија во мисија за набљудување и разузнавање, во потрагата по околу 200 ученички киднапирани во април од страна на исламистичката група Боко Харам, изјави висок претставник на американската администрација.
– Со Нигеријците споделуваме снимки од цивилни сателити и извршуваме летови за набљудување и разузнавање над Нигерија со одлука на Владата, истакна изворот.
Во меѓувреме, американски експерти детално го анализираат видео записот од Боко Харам, во кој се прикажуваат киднапираните ученички, соопшти Стејт департментот.
Вкупно 276 средношколки беа киднапирани на 14 април од нивното училиште во Шибок, во државата Борно, каде живее христијанска заедница. Педесет и три од нив успеаја да побегнат, а судбината на преостанатите 223 се уште е непозната.