Амбасадорот на Еквадор во Русија изјави дека очекува денеска да разговара во Москва со поранешниот соработник на ЦИА и поранешен консултант на Агенцијата за национална безбедност на САД Едвард Сноуден.
Патрисио Алберто Чавес Завала не појасни за што ќе разговара со Сноуден и претставничката на организацијата Викиликс Сара Харисон, која го поддржува.
Сепак, Завала пред новинарите на влезот на хотелот во аеродромот изјави дека ја чекаат Сара и дека ќе разговара со нив.
Претставници на московскиот аеродром „Шерметјево“ потврдија дека Сноуден се наоѓа во транзитната зона на аеродромот и дека не го напуштал.
Министерот за надворешни работи на Еквадор на „Твитер“ објави дека добил барање за азил од Едвард Сноуден.
Еквадор е една од можните дестинации на Сноуден, откако земјата му даде азил на основачот на „Викиликс“ Џулијан Асанж, кој се наоѓа во амбасадата на Еквадор во Лондон.