Локалниот огранок на терористичката организација Ал Каеда ја презеде одговорноста за самоубиствениот напад во Тимбукту, кон крајот на минатата недела, додека француските и малиските војски ги продолжуваат акциите против исламистичките бунтовници во градот.
Портпаролот на Ал Каеда во исламски Магреб изјави дека нападот во Тимбукту е извршен од алжирски бомбаш самоубиец, кој бил дел од бригада на убиениот минатиот месец Абу Зејди.
Нападот започна со експлозии на автомобил бомби на премини во периферијата на градот, кои биле само мамка, која им овозможила на борците на терористичката организација да влезат во градот додека силите за безбедност тргнале да ги зајакнат премините, изјави портпаролот на армијата на Мали во Тимбукту.
Тој истакна дека борбите продолжуваат, а од саботата досега се убиени 11 џихадисти. Француското министерство за одбрана објави дека еден француски војник е повреден за време на борбите.
Според аналитичарите преземањето одговорност за нападот и самиот напад покажуваат дека локалните борци на Ал Каеда се прегрупираат и дека не биле целосно протерани во тримесечната француска воена офанзива.