Организација Ал Каеда на Арапскиот Полуостров, која важи за една од најопасните крила на терористичката мрежа, изрази солидарност со џихадистите од „Исламската држава“ и се закани дека „ќе ги земе на нишан САД“, затоа што ѝ објавиле војна на оваа група која контролира големи делови од Ирак и Сирија.
– Објавувањето војна на муслиманите во Ирак од Обама и воздушните напади врз муџахедините, јасно покажаа дека крстоносците и ционистите останаа најопасни непријатели на исламот – соопшти Ал Каеда на Арапскиот Полуостров, чие седиште е во Јемен.
Во соопштението се изразува „солидарност со браќата муслимани во Ирак“, но никаде не се спомнува лидерот на Исламската држава, Абу Бакр ал Багдади, кој претходно беше изложен на жестоки критики од страна на централната команда на Ал Каеда.