Aко Ле Пен станe претседателка на Франција ќе распишe референдум за Фрегзит

Од:

Лидерката на екстремно десничарскиот Национален фронт (ФН) и кандидатка за претседател на Франција, Марин Ле Пен денеска изјави дека не се откажува од идејата за излез на Франција од ЕУ, нагласувајќи дека доколку победи на претстојните претседателски избори, во рок од шест месеци ќе распише „референдум за Фрегзит“.

Говорејќи на дводневниот собир на ФН во Лион, со кој официјално ја започна својата кампања за претседателските избори, Ле Пен нагласи дека ако победи „ќе го искорени тероризмот“ од Франција, дека нема да толерира деликвенти и дека франкот повторно ќе биде француска национална валута наместо еврото.

Ла Пен во обраќањето се осврна и на позицијата на Франција во НАТО, истакнувајќи дека ќе се залага земјата да ја напушти Заедничката команда на Алијансата и самостојно да ги зголеми своите одбранбени капацитети.

Таа вети и протерување на сите странци обвинети за криминал од Франција и одземање на француското државјанство на осудените криминалци со двојни државјанства.

– Ме плашат два тоталитаризми олицетворени во економската глобализација и исламскиот фундаментализам – рече Ле Пен на собирот, нагласувајќи дека за неа е неприфатливо во Франција да има џамии и муслиманките да ги покриваат главите.

Таа истакна дека цел на нејзината изборна програма од 144 точки е „на Франција да и се врати слободата, а на народот да му се даде глас“.

Првиот круг од претседателските избори во Франција е закажан за 23 април. Според последните анкети на јавното мислење, Ле Пен ужива најголема поддршка меѓу претседателските кандидати и речиси сигурно ќе се пласира во вториот изборен круг, предвиден за 7 мај.

Анкетите спроведени кон крајот на јануари и почетокот на февруари покажуваат дека Ле Пен ужива поддршка на меѓу 24 и 25 отсто од Французите, умерениот левичар Емануел Маркон може да се надева на 20 до 22 проценти, Франсоа Фијон од конзервативната партија Републиканци на 18,5 до 21 отсто, додека кандидатот на владејачката Социјалистичка партија, Беноа Амон на 16 до 18 проценти.

Меѓутоа, анкетите покажуваат и дека Ле Пен во вториот круг би претрпела пораз независно од тоа дали противкандидат ќе и биде Маркон или Фијон. Во дуел со Маркон, Ле Пен би добила меѓу 34 и 37 отсто од гласовите, а нејзиниот противкандидат 63 до 66 проценти. Доколку пак противкандидат и биде Фијон, Ле Пен може да очекува од 40 до 41 отсто од гласовите, а републиканецот од 59 до 60 проценти.

При евентуален дуел во вториот круг меѓу Маркон и Фијон, првиот би можел да очекува меѓу 54 и 58 отсто од гласовите, а кандидатот на Републиканците меѓу 42 и 46 проценти.

Би можело да ве интересира

Марин Ле Пен и 26 лица обвинети за финансиска измама која траела со години

Горан Наумовски

ВИДЕО: Голема поплава во Кан, водата носеше автомобили

Париз блокиран: Илјадници луѓе протестираат

Французите ја намалуваат цената на струјата за 10 отсто

Предраг Петровиќ

Протести низ Франција против именувањето на Мишел Барние за премиер

Макрон го назначи Барние за шеф на владата