Американските погранични власти на границата со Мексико од јули 2017 година до сега префрлиле во прифатните центри повеќе од 5.400 деца на мигранти од Јужна Америка без нивните родители, соопшти синоќа американскиот Сојуз за граѓански права (АКЛУ).
Според сојузот, властите регистрирале дека 1.556 деца биле одвоени од своите родители од 1 јули, 2017 до 26 јуни 2018 година, кога федерален судија од Сан Диего пресуди прифатените деца да бидат одново соединети со своите родители. Друг окружен судија потоа пресуди властите да ги соединат децата со родителите во рок од шест месеци.
Пограничните служби на САД на границата со Мексико од јули 2018 година до сега во прифатните центри однеле илјадници други деца, кои главно се на возраст од 5 години и постари, но стотици биле и помали, детенца од две, три или четиригодишна возраст, но имало и десетици бебиња, дознаваат од сојузот.
Од АКЛУ велат дека ќе биде многу тешко да се пронајдат децата од тој период затоа што властите немаат разработен систем на ажурирање. Затоа, волонтери на сојузот се на терен од врата до врата на адреси во Гватемала и Хондурас и помагаат со пронаоѓање на родителите на некои деца.
– Шокантно е тоа што повеќе од 1.556 семејства, вклучувајќи и семејства со бебиња и мали деца, станале дел од илјадинци други, разделени од нехуманата и незаконска политика (на Администрацијата), изјави Ли Гелент, адвокат на АКЛУ.
Гелент додаде дека сите овие семејствата поминале низ многу страдање и на многумина им е тешко да се вратат во нормален живот.
Сепак, американските власти успеале да идентификуваат 2.814 разделени деца кои биле прифатени од пограничните служби, некои и пред јуни 2017 година, и речиси сите биле вратени кај своите родители од Јужна Америка.
Со најновата евиденција на АКЛУ, се дознава дека илјадници бегалски деца се уште се во прифатните центри на границата си Мексико и чекаат да им се разреши судбината.