Врховниот ирански верски лидер, ајатолахот Али Хамнеи, денеска изјави дека САД треба да ги укинат сите санкции кон Иран, доколку сакаат Техеран да го прекине развојот на својата нуклеарна програма.
„Иран ги исполни сите свои обврски од нуклеарниот договор од 2015 година, а не САД и трите западноевропски земји. Доколку сакаат Иран да се врати на своите обврски, САД прво мора да ги укинат сите санкции“, порача Хамнеи на Твитер, пренесуваат британските медиуми.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп во 2018 година унилатерално ги повлече САД од договорот со Иран и големите светски сили ( Русија, Кина, Германија, Велика Британија и Франција) за иранската нуклеарна програма, што предвидуваше суспензија на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите, по што тој експресно повторно и ги воведе на Исламската Република.