Меѓународната организација „Амнести интернешанл“ (АИ) упати критики за Австрија поради дневните квоти за прифаќање барања за азил, укажувајќи дека станува збор за кршење на меѓународното право.
Шефот на АИ во Австрија, Хајнц Пацелт изјави денеска дека Женевската конвенција за бегалците не познава поими „квоти“ или „ограничување на барањата за азил“, како и дека таа е обврзувачка и за Австрија.
– Имаме кршење на меѓународното право, констатираше Пацелт.
Австрија го образложи воведувањето на квоти со недостаток на солидарност во ЕУ, посебно околу прашањето за распределба на товарот со бегалците.
– Земја која може да смести 2,8 милиони туристи годишно, тогаш може да направи повеќе. Неприфатливо е да се прифати меѓународна обврска како Женевската конвенција, а потоа при прва криза да се откаже примената, нагласи Пацелт.