Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) денеска соопшти дека донела одлука да отпушти над 250 службеници што работат во Појасот Газа и на Западниот Брег, како резултат на решението на САД за замрзнување на помошта за Палестинците.
Портпаролот на УНРВА, Крис Ганес соопшти дека ќе бидат отпуштени 154 службеници на Западниот Брег и 113 во Појасот Газа.
Според него, одлуката на САД за запирање на помошта за палестинските бегалци претставува „егзистенцијална закана“ за УНРВА.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 2 јануари годинава предложи САД да ја замрзнат помошта за Палестинците, затоа што, според него, тие не сакаат да преговараат со Израел.
По ваквиот предлог на Трамп, на 16 јуни Стејт департментот соопшти дека годинава САД на УНВРА ќе и исплатат само 60 милиони долари, што претставува под 20 проценти од сумата на досегашната американска помош за Агенцијата.
САД лани на УНРВА и доделија над 350 милиони долари, што претставуваше околу половина од вкупниот буџет на Агенцијата за помош на палестинските бегалци.