Најбараниот американски бегалец Едвард Сноуден не допатува во Хавана со летот на компанијата „Аерофлот“, како што вчера се појавија гласини на „Твитер“, соопшти рускиот екипаж на летот.
„Раша тудеј“ објави дека капетанот на летот АФЛ 150, изјавил по слетувањето во Хавана дека Сноуден не бил патник на овој лет.
Гласините на Интернет се појавија откако авионот на руската компанија по полетувањето од Москва го променил летот и наместо преку Скандинавија, Гренланд, Канада и САД, летал јужно низ Европа и Атлантскиот Океан.
Истовремено, американскиот весник „Вашингтон пост“ наведува дека во врвот на американската Агенција за национална безбедност се зголемува загриженоста поради можноста Сноуден да имал пристап до документи што содржат технички детали за тоа како САД ги шпионирале Кина и останатите земји.
Новинароте на британскиот весник „Гардијан“ Глен Гринвалд, кој први ги објави документите до кои дошол Сноуден, изјави дека во случај да се случи нешто на Сноуден ќе ги објави сите податоци што ги поседува.