Јапонскиот премиер Шинѕо Абе изјави дека е подготвен за средба „без предуслови” со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, со цел да бидат воспоставени дипломатските односи меѓу двете соседни земји.
Абе во интервју за денешното издание на весникот „Санкеј шимбун“.побара средба со Ким за да бидат регулирани особено споровите околу премногу чувствителната тема за Јапонците – киднапираните јапонски граѓани од страна на севернокорејски агенти во 70-те и 80-те години од минатиот век.
– Сакам да се сретнам со претседателот Ким Џонг-ун без предуслови и да разговарам со него отворено, со отворен ум, вели Абе во интервју за весникот. -Многу е важно нашата земја да биде активна во своите акции по ова прашање, додаде тој.
– Ќе ставиме крај на меѓусебната недоверба меѓу Јапонија и Северна Кореја, само ако се сретнам лично Ким. Се надевам дека тој е лидер, способен да донесе стратешка одлука и да се покаже флексибилен во проценките што е најдобро за неговата нација, вели Абе.
Абе прецизира дека во петокот од американскиот претседател Доналд Трамп побарал помош во решавањето на прашањето со киднапирањата на Јапонци од агенти на Пјонгјанг.
Во 2002 година, Пјонгјанг призна дека ги киднапирале 13-те Јапонци за да ги научат нивните шпиони јапонски јазик и да ги запознаат со јапонската култура. Еден месец по овие признанија, на петмина од нив им беше дозволено да се вратат во Јапонија.
Токио зборува за најмалку 17 киднапирани и се сомнева дека уште десетици исчезнати всушност се во рацете на севернокорејските служби.