Абас: Посмртните останки на Јасер Арафат ќе бидат пренесени во Ерусалим

Од:

Палестинскиот претседател Махмуд Абас најави дека посмртните останки на покојниот претседател и долгогодишен палестински лидер Јасер Арафат,  наскоро  од Рамала, на Западниот Брег, ќе бидат префрлени  во Ерусалим, пренесоа денеска израелските медиуми.

Како што јавиваат палестински медиуми, Абас не прецизирал кога и каде ќе бидат пренесени останките на Арафат.

Тој ова го кажа во пресрет на 10-годинината од смртта на лидерот на Палестинската ослободителна организација, при инаугурацијата на неговиот музеј во Рамала. Покојниот лидер на Фатах е погребан во овој град, во своето седиште Муката.

Отварајќи го музејот Абас истакна дека Арафат мора да остане „бесмртен во срцата на нашиот народ“.

Минатата недела, во интервју за палестинска телевизија, пред годишнината од смртта на Арафат, палестинскиот претседател својот претходник го нарече „изворот на оптимизмот“ и „љубител на мирот“.

-Се потсетувам на времето после 1967 година, кое се сметаше за колапс на целата арапска нација, кога заминав во Сирија и го најдов (Арафат) облечен во воена униформа. И кога му кажав Абу Амар (военото име на Арафат) војната е готова и ние загубивме, тој ми одговори: Не, тие се поразени, рече Абас.

Во неделата беше спречена големата комеморација што беше планирана во Појасот Газа, по повод десетгодишнината од смртта на Арафат. Комеморацијата ја спречи Хамас откако одекнаа експлозии во десетина куќи на лидери на Фатах. Во овие експлозии немаше жртви.

Во Министерството за внатрешни работи во Газа, со кое се уште доминира Хамас, соопштено беше дека Фатах бил информиран дека не може да се гарантира безбедноста во текот на комеморацијата. Тоа ќе беше првото одбележување на годишнина од смртта на Арафат во Појасот Газа од 2007 година, кога је Хамас со сила ја презеде контролата врз оваа палестинска територија на брегот на Средоземното Море.

На претходната комеморација, неколку месеци по превратот, во фракциските судири беа убиени 10 лица.

Арафат умре на 11 ноември 1994 година во француска воена болница крај Париз.

Непосредна причина за смртта бил мозочен удар, но лекарите изјавија дека не можеле да утврдат од што претходно тој боледувал. Многу Палестинци веруваат дека Арафат беше убиен од Израел.

Минатата година телото на Арафат беше ексхумирано на барање на неговото семејство и вдовицата Суха Арафат, за да се провери дали е отруен.

Швајцарските форензички екипи изјавија дека резултатите на нивните тестови, од примероците земени  од телото на Арафат, покажуваат знаци на труење со полониум, но дека нема апсолутни докази за причината на смртта. Француските форензичари, пак, заклучија дека Арфат не умрел од труење, потсетуваат израелските медиуми.

Во меѓувреме, Фатах го обвини Хамас дека е одговорен за експлозијата во петокот и дека нејзина цел била спречување на комеморацијата. Овој инцидент покажува дека и натаму постои јаз меѓу двете главни палестински фракции, и покрај фактот дека на почетокот на јуни беше формирана Влада на националното единство.

Десет години по смртта, Арафат и натаму е националниот херој за народот кој и натаму нема своја држава. Неговиот наследник Абас успеа на Палестина да и обезбеди статус на држава набљудувач во Обединетите нации, но Палестинците и натаму чекаат на основањето на државата, 66 години откако беше формиран Израел.

За повеќето Израелци покојниот Арафат, со црно-белата кафија на главата, претставуваше олицетворение на терорист. Има, меѓутоа, и такви кои го паметат како човекот кој имаше храброст да го потпише  мировниот договор со еврејската држава, наведуваат француските медиуми.

Би можело да ве интересира

Хамас најавува ослободување на следната група заложници во сабота

Горан Наумовски

Ердоган: Мора да се спроведат сите фази од договорот Израел-Хамас

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Палестинците го слават враќањето на затворениците: „Не малтретираа пред да не ослободат“

Катерина Ѓуровски

Израелската влада објави фотографии од средбата на заложничките со нивните мајки

Израел ги презеде трите заложнички од Газа, луѓето радосни на двете страни

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Крај на агонијата во Газа, почна историското примирје

Катерина Ѓуровски