Локалните власти во Демократска Република Конго соопштија дека две бебиња се спасени во близина на брегот на езерото Киву, неколку дена откако во поплавите загинале повеќе од 400 луѓе. „Тоа е чудо, сите сме во шок“, изјави лидерот на локалната заедница Делфин Биримби за Би-Би-Си.
Родителите на бебињата загинале, но мештаните се во контакт со луѓе кои би можеле да се грижат за нив. Засега не се знае точно како бебињата ги преживеале трите дена на езерото, но очевидци велат дека плутале по остатоците што ги носела водата. Бебињата беа спасени во понеделникот, едното во Бушушу, а другото во Нјамукуби, двете села најтешко погодени од поплавите. На видео објавено на Твитер се слуша како жена вели дека едно од бебињата има повредена нога.
Во поплавите неколку села беа потопени, многу куќи беа однесени, а полињата беа опустошени. На жртвите од елементарната непогода во погодените подрачја им недостига се. Сезоната на дождови, типична за регионот Јужен Киву, треба да трае до крајот на мај. Со големи поплави беа погодени и соседните земји. Во Руанда загинаа 127 лица, а во Уганда шест лица.
Шефот на ОН, Антонио Гутереш, во саботата при посетата на Бурунди истакна дека ова е нова илустрација за забрзувањето на климатските промени и нивните драматични последици за земјите кои не се вклучени во глобалното затоплување на планетата.